Бомбашки напад пред полициска станица во Авганистан, 20 загинати

Авганистан - експлозија во провинцијата Гор.

Во напад со автомобил бомба пред полициска станица во централен Авганистан загинаа најмалку 20 луѓе, според Министерството за вантрешни работи.

Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Тарик Ариан изјави дека автомобил наполнет со експлозив бил актививиран пред полициската станица во Фироз Кох – главен град на провинцијата Гор, околу 11 часот по локално време на 18 октомври.

Ариан, кој не даде повеќе детали, го опиша инцидентот како „терористички напад.“

Портпаролот на полицијата во Гор, Абдул Мареф Рамеш, изјави дека експолизијата предизвикала големи цивилни жртви.

Ниту една група не презема одговорност за нападот, иако за слични инциденти во минатото се обвинуваа Талибанците.

Гор, која е планинска и оддалечена провинција во централните висорамнини на Авганистан, е една од најсиромашните и најнестабилни области во земјата.

Експлозијата доаѓа во услови кога преговарачите на Талибанците и на Авганистанската влада се состанаа во Доха да преговараат за ставање крај на 19-годишната војна во земјата.

Талибанците одбија прекин на огнот на национално ниво и покрај тековните мировни разговори кои започнаа на 12 септември.

Мисијата на ОН за помош во Авганистан документираше повеќе од 1.280 смртни случаи на авганистански цивили во текот на првата половина на 2020 година, главно како резултат на борбите меѓу авганистанските владини сили и талибанските милитанти.