Филипче: Утре ќе се дискутира за можни нови мерки

Венко Филипче

Комисијата за заразни болести утре на состанок ќе одлучува дали ќе има нови рестритивни мерки покрај предложените и тие што се во сила, рече вечерва министерот за здравство Венко Филипче. Тој вели дека Комисијата ќе анализира и на што се должи скокот на новозаразени во последните денови и кој е начинот на трансмисија на вирусот.

Министерот за здравство за ТВ Сител рече дека на состанокот ќе се дискутира за можни нови мерки кои би вклучувале рестрикции во јавниот превоз, ограничување во работата на угостителски објекти, економски субјекти и компании и секаде каде што постои ризик. Дел може да бидат во некои општини, и некои да важат и за цела држава. Ќе се дискутира и дали да се ограничи движењето навечер, но, лично смета дека во овој момент е рано зашто, како што рече, има простор се уште да се почитуваат мерките преку ден за да нема голем пренос на вирусот.

Комисијата мината недела предложи дополнителни мерки, но за да се усвојат потребно е да се смени Законот за спречување заразни болести. Законот следната недела е во Собрание. Со заострување на рестрикциите се планира да се ублажи скокот на заразени лица, реч министерот. Министерството за здравство денеска соопшти нов негативен рекорд со 535 нови случаи со ковид-19 во изминатите 24 часа.

Министерот посочи дека во сите болници има слободни кревети, но брзо се полнат и затоа е подготвена модуларната болница со 72 кревета.