Ордени и катанци

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Претседателот Стево Пендаровски денеска му додели Орден за заслуги за државата на Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител, по повод 1000-годишнината од неговото основање. Ова високо државно одликување го прими епископот антаниски и игумен на Бигорскиот манастир, г. Партениј во претседателската резиденција на Водно.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Полицијата денеска разбила 12 члена криминална група осомничена дека криумчарела мигранти, соопшти на денешната прес конференција портпаролот на МВР Тони Ангеловски. Тој рече дека групата дејствувала околу десетина месеци. Полицијата денеска уапсила 10 луѓе, еден од групата е од претходно во притвор, а по еден се трага.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка, Ангела Меркел , синоќа го опиша неодамнешниот бран на инфекции со коронавирус ширум Европа како сериозен и ги повика земјите-членки на Европската унија да научат од грешките направени кога пандемијата првпат го погоди континентот.

СЛОВЕНИЈА - Во Словенија од утре ќе се воведе карантин во седум од 12 региони, со цел да се спречи ширењето на коронавирусот, одлучи тамошната Влада. Во седум региони се забранува групирање на повеќе од 10 лица на јавни или приватни места. Забраната за централна Словенија, Горењска, Корошка, Засавје, Посавје, Савинска и југоисточниот дел на Словенија ќе стапи во сила на полноќ. Таквата мерка е воведена во овие региони затоа што во изминатите две недели, просечно 140 жители на 100.000 се заразувале со коронавирусот.

КИРГИСТАН - Киргистанскиот претседател, Соронбаи Јенбеков, поднесе оставка по масовните протести против официјалните резултати на парламентарните избори, кои им ја дадоа победата на партиите поврзани со него и неговата влада. Во официјалното соопштение на 15 октомври, Јенбеков вели дека решил да поднесе оставка затоа што мирот и единството во нашата земја се поважни од секоја функција.

ЧЕШКА - Во Чешката Република вчера имало регистрирано 9.544 нови случаи со ковид-19, што е највисок еднодневен биланс од почетокот на пандемијата, покажаа податоците на Министерството за здравство објавени денеска.

ФРАНЦИЈА - Франција воведува полициски час од 21 часот до 6 часот наутро во неколку поголеми градови, вклучувајќи го и Париз, за да спречи понатамошно ширење на коронавирусот, рече претседателот Емануел Макрон, додавајќи дека мерката ќе стапи на сила в сабота и ќе трае четири недели.