Македонија ќе набави уште од лекот ремдесивир за Ковид-19

Илустрација

Северна Македонија ќе учествува во набавката на „веклри“, бренд на лекот ремдесивир, за лекување на пациенти со Ковид-19, соопшти денеска Министерството за здравство. Набавката на овој лек ќе се овозможи преку Европската унија (ЕУ) со потпишување рамковен договор меѓу Европската комисија и фармацевтската компанија „Гилијад, преку кој ќе се набават 500 илјади дози, со можност за зголемување на количините.

Ремдесивир, појаснуваат од Министерството, е лек за третман на пациенти со Ковид-19 на кои им е потребна кислородна поддршка, а постапката за директна нарачка на лекот може да започне уште веднаш.

„Ова е шеста успешно имплементирана заедничка постапка за набавка. Заедничката набавка е инструмент на Европската комисија од почетокот на годината со кој на земјите им се обезбеди и дополнителен пристап до лична заштитна, респиратори, тестови и друга неопходна медицинска опрема“, соопшти Министерството за здравство.

Заедничкиот договор за набавка е потпишан од 36 земји, вклучувајќи ги земјите од Европската Унија, Норвешка и Исланд, Обединетото Кралство и шест земји сегашни и потенцијални ЕУ кандидати, во кои освен Северна Македонија, директна набавка на лекот можат да направат и Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Нашата земја, преку клиничката студија на Светската здравствена организација (СЗО), веќе го има лекот ремдесивир, а со ова ќе се обезбедат дополнителни количини.