Од Заев до Кардашијан

ШВАЈЦАРИЈА - Шефот на Светската здравствена организација денеска се осврна на сугестиите кои повикуваат на дозволување Ковид-19 да се шири слободно во надеж дека на тој начин може да се постигне таканаречен имунитет на стадо, велејќи дека тоа е неетичко. Во некои држави денеска се одржуваа протести против носењето на маски, меѓу кои и во Романија (на фотографијата).

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев изјави дека очекува Парламентот да почне да работи онлајн, откако двајца пратеници излегоа позитивни на Ковид-19. Тој верува дека власта и опозицијата ќе се договорат да работат онлајн и на таков начин да биде изгласан и Буџетот и информираше дека следната владина седница ќе биде, исто така, онлајн по препорака на здравствените власти.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека утре во 18 часот, ќе се одржат протести со возила во Охрид, Прилеп и Скопје против одлуката на Регулаторната комисија за поскапувањето на струјата за 7,4 отсто.

БЕЛГИЈА / БЕЛОРУСИЈА - ЕУ предупреди дека е подготвена да воведе рестриктивни мерки за Александр Лукашенко како одговор на лажните претседателски избори во земјата и последователната насилна акција против демонстрантите кои протестираат против него и медиумите што ги покриваат настаните.

ХРВАТСКА - Полициски службеник изутрината е ранет во центарот на Загреб на плоштадот Марко , објави хрватското Министерство за внатрешни работи. Напаѓачот е пронајден, одговара на описот даден од очевидците за пукањето на плоштадот Свети Марко и тој изврши самоубиство, напиша МВР на својот профил на Твитер.

КИРГИСТАН - Поделениот парламент на Киргистан контроверзно го назначи Садир Џапаров за премиер, само неколку дена откако осудениот киднапер избега од затвор за време на превирањата околу спорните парламентарни избори во оваа централноазиска земја. Сепак, членовите на парламентот и другите политички активисти ја доведоа во прашање легитимноста на парламентарната седница на која беше избран Џапаров.

ТУРЦИЈА - Турција издаде нова навигациска информација за сеизмички истражувања на бродот Оруч Рејс во Источниот Медитеран од денеска до 22 октомври. Новата турска информација, според грчките медиуми опфаќа дел од грчкиот континентален гребен, јужно од островите Родос и Кастеоризо, односно речиси во истиот дел како и навигациските информации издадени во август за истиот брод.

БЕЛОРУСИЈА - Белоруските власти ослободија двајца опозициски активисти откако Александр Лукашенка се состана со нив и со уште 10 други затворени лица од опозицијата.

ЕРМЕНИЈА / САД - Конфликтот околу Нагорно Карабах предизвика бран на поддршка за овој сепаратистичкиот регион во Азербејџан населен од етнички Ерменци од ерменската заедница во Лос Анџелес, една од најголемите во светот. Телевизиската ѕвезда Ким Кардашијан на 10 октомври објави дека донирала милион долари во Фондот за Ерменија, кој се обидува да обезбеди хуманитарна помош како храна, засолниште и медицинска нега за погодените од конфликтот.