Фудбалери, пејачи, Трамп и Амфилохије

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Согласно препораките на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и Одлуките на Владата, поради Ковид-19 пандемијата, не е дозволено присуство на публика на фудбалскиот натпревар Северна Македонија - Косово, а апелираме до граѓаните и да не се организира заедничко следење на натпреварот, соопшти МВР.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Претставници на ноќните клубови од земјава заедно со дел од музичарите денеска излегоа на протест пред Владата против најновите одлуки на Комисијата за заразни болести и на Владата за заштита од коронавирусот.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Еврокомесарот Оливер Вархеји за време на денешната посета на Скопје порача дека се исполнети сите услови за почетокот на преговорите на Северна Макеоднија со ЕУ. Но, притоа тој изрази надеж дека ќе се изнајде решение и за отворените прашања со Бугарија со цел работите да се придвижат напред.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Извршниот комитет на опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја избрал Жаклина Пешевска за нова претседателка на Унијата на жени на партијата. Пешевска е актуелен пратеник, а доаѓа од ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Гази Баба.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Поранешниот амбасадор на Европската унија (ЕУ) во Северна Македонија, Ерван Фуере, во изјава за МИА вели дека заканите за блокирање на преговарачкиот процес со ЕУ од страна на Бугарија треба да ја загрижи Унијата. Тој вели дека ова прашање е многу сериозно, бидејќи, како што вели Фуере, тоа покажува дека некои земји членки го користат членството во ЕУ за да наметнат националистичка агенда, објави МИА.

ГЕРМАНИЈА / РУСИЈА - Критичарот на Кремљ, Алексеј Навални, предложи Европската унија (ЕУ) да го заостри односот со руските олигарси и да им забрани влез во ЕУ.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека наредил да се прекинат преговорите за економска помош до изборите, поради кризата предизвикана од коронавирусот. Трамп, кој и самиот има коронавирус, објави на својот профил на Твитер дека претседателката на Конгресот, Ненси Пелоси, не преговара со добри намери.

ЦРНА ГОРА / СРБИЈА - Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохије е позитивен на коронавирусот, објавија медиумите во Подгорица, наведувајќи дека тој од болницата во Цетиње бил пренесен болницата во Клиничкиот центар во Подгорица на одделот за ковид. Митрополитот Амфилохије има 82 години и спаѓа во ризичната група.

РОМАНИЈА - Романските власти денеска ги затвораа театрите, кината и затворените ресторани во главниот град Букурешт и неколку други градови за да се обидат да го спречат зголемувањето на инфекциите со коронавирус.