Избори и милијарди

КИРГИСТАН - Централната изборна комисија на Киргистан ги поништи резултатите од парламентарните избори одржани на 4 октомври, исполнувајќи ги барањата на илјадници демонстранти кои излегоа на улиците и упаднаа во државните згради велејќи дека партиите на естаблишментот победиле преку купување гласови.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Во изминатово деноноќие се евидентирани нови 225 случаи на заболени од коронавирус од вкупно 1841 направени тестирања. Најголем број на новозаразени се евидентирани во Скопје – 120 нови случаи, потоа во Тетово 17 и Прилеп 15. Во последниве 24 часа починале 8 лица заболени од ковид-19.

ШВАЈЦАРИЈА - Светската здравствена организација (СЗО) проценува дека секој десетти жител на планетата се заразил со коронавирусот. Бројката е за над 20 пати поголема од бројот на досега потврдени случаи на зараза во светот, која во моментов изнесува 35 милиони луѓе.

ЈАПОНИЈА / СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Никола Димитров, заедно со амбасадорката на Јапонија во Северна Македонија, Кеико Ханеда, потпишаа Договор за јапонска грант помош за економски и социјален развој.

КОСОВО - Претседателот на Косово Хашим Тачи, побара процесот на дијалог со Србија да продолжи, бидејќи, според него, дијалогот нема алтернатива. Во објава на Твитер, Тачи изјави дека разговарал со специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот Мирослав Лајчак и изразил поддршка за процесот.

ГРЦИЈА - Грција и Мајкрософт објавија договор за инвестиции вреден милијарда евра за изградба на инфраструктура за складирање податоци. Објавувањето доаѓа во време кога грчката влада планира постепено да ја префрли бирократска државна служба на интернет.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа ја предложи сегашната премиерка Ана Брнабиќ за мандатар за состав на новата Влада на Србија. Обраќајќи се пред јавноста по состанокот на претседателството на неговата Српска напредна партија која освои две третини од местата во парламентот, Вучиќ рече дека тој има многу високо мислење за Ана Брнабиќ и дека таа е жена која жестоко се бореше за својата земја.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп им порача на Американците да не се плашат од коронавирус откако ја напушти болницата во предградието на Вашингтон, каде што три дена се лекуваше од ковид-19.

ТУРЦИЈА / ГРЦИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за време на неговата денешна посета на Грција оствари средби со грчкиот премиер, со претседателката и министрите за надворешни работи и за одбрана. Столтенберг во Атина доаѓа од Анкара каде што се сретна со турскиот државен врв, а една од темите за кои разговараше со шефот на турската дипломатија Мевлут Чавушоглу, беа тензиите во Источниот Медитеран.