Хоспитализирани вкупно 366 пациенти со Ковид-19

Илустрација - Клиника за инфективни болести.

Во моментов хоспитализирани се вкупно 366 пациенти заболени од Ковид-19, соопшти Министерството за здравство откако во изминативе денови се згоелми бројот на заразени од коронавирусот во земјава.

Бројот на активни случаи во моментов изнесува 2.626, од кои најмногу се во Скопје 945, а потоа следуваат Куманово со 170, 145 Прилеп, Тетово 161, Струмица 179, Кочани 180, Битола 73, Струга 44...

Зголемените бројки беа причина Комисијата за заразни болести да предложи нови рестриктивни мерки до Владата, кои беа прифатени на владина седница на 4 октомври.

Владата прифати во угостителските објекти да биде забрането да гостуваат пејачи и ди-џеи, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса, потег кој наиде на негодување кај сопствениците на угостителските објекти.

Бројот на активни случаи во скопските општини според здравствените власти е најголем во Аеродром со 165 лица каде е дијагностициран Ковид-19, потоа во Центар 157, Карпош 136, Кисела Вода 108, Гази Баба 105...

Здравствената криза од новиот коронавирус во Северна Македонија започна на крајот на февруари оваа година кога беше пријавен првиот случај, а оттогаш се регистрирани 18.873, а починаа вкупно 760 лица.

Коронавирусот прв пат се појави во кинескиот град Вухан на крајот на 2019 година, од каде потоа се прошири низ целиот свет.

Вкупниот број на досега заразени од коронавирусот во светот надмина 35 милиони, според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс, а починаа над еден милион луѓе. Најпогодени земји се САД, Индија, Бразил, Русија, Велика Британија.