Судот во Москва не ја продолжи условната казна за познат руски блогер

Архива - рускиот блогер Егор Жуков.

Судот во Москва одби да го продолжи условниот период за Егор Жуков – истакнат руски блогер и активист познат по неговите отворени критики кон владата.

Адвокатот на Жуков, Леонид Соловјов, денеска изјави дека окружниот суд во Кунцево го отфрлил предлогот на Федералната казнено-поправна служба (ФСИН) за продолжување на условниот период .

Дирекцијата на ФСИН во Москва минатата недела го поднесе предлогот велејќи дека Жуков не се појавил во полициска станица да се пријави кај полицаец за условен отпуст за еден месец, што се смета за прекршување на условниот период кој го имаше блогерот, заедно со суспендираната тригодишна казна во декември.

Обвиненијата против 22-годишниот активист беа поврзани со три видеа кои тој ги објави на „ЈуТјуб“ во октомври и декември 2017 година, вклучително клипови од демонстрации и коментари на блогерот за протестното движење и руските политичари.

Жуков беше уапсен во август минатата година поради протестите во Москва на кои демонстрантите барааа слободни и фер општински избори. Десетици луѓе беа казнети поради протестите со парични или затворски казни за време на протестите.

На последното негово појавување на суд на 4 декември пред изрекувањето на пресудата следниот ден, Жуков даде изјава остро критикувајќи го рускиот сегашен политички систем, кој како што рече, создава економска нееднаквост меѓу своите граѓани.

Изјава на Жуков одекна во целата земја.

На крајот на август, Жуков беше сериозно претепан од страна на непознати напаѓачи. Тој и неговите поддржувачи велат дека нападот бил политички мотивиран.