Заев: Идентитетот е самоопределба, не очекувам бугарска блокада

Зоран Заев

Премиерот Зоран Заев не очекува Бугарија да го попречува почетокот на пристапните преговори на Македонија со Европската унија (ЕУ). Тој на денешната прес-конференција по повод Денот на наставниците, рече дека ќе се најде заедничко решение.

„Уште еднаш напоменувам дека идентитетските прашања се право на самоопределба. Бугарија е европска земја и верувам дека во самите разговори, во самите документи е заради нивните напори, амбиции и оправдани желби да се најде заедничкото решение на заедничкото чествување на Гоце Делчев. Никако не очекувам да имаме пречки во тој дел, заради тоа што Бугарија дефинитивно е еден од најголемите поддржувачи на Република Северна Македонија во интеграциите во ЕУ“, рече Заев.

Бугарија и натаму не попушта во нејзините барања во пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ да влезат и добрососедските односи и бара ова поглавје да се третира како суштинско прашање, како што на пример се третира владеењето на правото.

Денеска пак, 30-на бугарски историчари, научници, универзитетски професори и јавни личности со заедничко писмо до јавноста, насловено „Европа не нè разбира“, се изјаснија против меморандумот што Софија го испрати до земјите членки на ЕУ во кој се изнесени сериозни тврдења и црвени линии на патот на Скопје кон Унијата.