Филипче- најмногу од новозаболените се од 20 до 30 години

Архивска фотографија- министерот за здравство Венко Филипче

Забрана на гостување на пејачи и ди-џеи во сите угостителски објекти, ограничување на гласноста на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на луѓе кои може да седат на една маса во угостителски објект од сега дозволените 12 на четири. Ова се препораките на Комисијата за заразни болести, кои ќе бидат предложени на денешната седница на Влада, најави министерот за здравство Венко Филипче.

„Сметаме дека ова се апсолутно оправадни мерки, дека се добар период кога треба да се имплементираат. Секако ја пратиме ситуацијата и понатаму доколку треба имаме план и за дополнителни рестрикции ако тоа се изнуди, изјави Филипче, за телевизија Канал 5. Тој посочи дека зголемениот притисок или мини бран е очекуван и го најавувале, како есенски бран по завршување на годишните одмори.

„Имаме зголемување на бројот на случаи во сите возрасни групи над 20, нема зголемување на бројот на случаи во групите од 10 до 20 и под 10 години. Тука е иста бројката. Најголем раст има во возрасната група од 20 до 30 години од 50 проценти и нешто помал кај возрасната група од 50 до 60 години“, изјави Филипче.

Министерот за здравство посочи дека една од можните мерки, понатаму е и ограничување на работа на одредени економски субјекти и на бројот на луѓе во јавниот превоз и мерката за носење маски на отворено.

„Се уште е рано, затоа што тоа значи освен превентивна мерка за корона и заштита од сезонски грип, настинки во ладното време и секако од загаден воздух. Значи би размислувале во подоцнежните есенски месеци за сите други мерки“, изјави Филипче.

Инаку, во последните 24 часа се направени 1350 тестирања, а регистрирани се 191 нови случаи на ковид-19 инфомира Министерството за здравство. По градови најмногу заболени има во Скопје 96, а потоа следуваат Тетово и Кочани со по 15 и Прилеп со 13 новозаболени. Другите градови имаат по едноцифрена бројка новозаболени. Во болнички услови починати се три лица, од Скопје, од Кичево и од Струга. Денеска Институтот за јавно здравје регистрира 77 оздравени пациенти.

Вчера во Македонија беше регистриран рекорден број заболени, 243 нови случаи на ковид-19, а завчера исто така бројката беше висока 225 нови случаи на ковид-19. Инаку, со денешните резултати, вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 18790, бројката на оздравени пациенти е 15341, на починати е 756, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 2693.