Навални го обвини Путин дека стои зад неговото труење

Илустрација - Алексеј Навални и Владимир Путин

Рускиот опозиционер Алексеј Навални го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека стои зад неговото труење, пишува денес германскиот весник „Шпигел“.

„Тврдам дека Путин стои зад тоа, не гледам друго објаснување“, рече Навални во интервју за „Шпигел“, кој објави делови од разговорот на Интернет, пренесува Бета. Навални рече дека сега е негова должност „да остане таков каков што е - некој што не се плаши.

Според „Шпигел“, во интервјуто што ќе биде објавено во целост подоцна денес, Навални вели дека има намера да се врати во Русија откако ќе се опорави. Навални е во Берлин на рехабилитација по хоспитализација поради труење со агенсот „новичок“.

Навални (42), најистакнат противник на рускиот претседател Путин, беше префрлен во Германија два дена откако му се слоши на 20 август на домашен лет во Русија. Германски експерти за хемиско оружје утврдиле дека Навални бил отруен со агенсот „новичок“ од времето на Советскиот Сојуз, што го натера Берлин да побара од Русија да го испита случајот. Ваква потврда имаше и од уште две независни европски лаборатории. Москва официјално отфрли секаква вина поврзана со состојбата на Навални.