Кодекси, дебати и топови

НАГОРНО КАРАБАХ - Германската канцеларка, Ангела Меркел, повика итно да се прекине огнот во Нагорно - Карабах, соопшти нејзиниот кабинет. Според соопштението, канцеларката имала одвоени телефонски разговори со лидерите на Азербејџан и Ерменија. Во судирите до денеска се регистрирани 95 загинати, од кои 11 цивили.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Судијката Добрила Кацарска едногласно е предложена за нов судија на Уставниот суд на денешната седница на Судскиот совет. Предлогот ќе биде испратен во Собранието кое ќе гласа за нејзиниот избор на функцијата. Таа е преложена од Судскиот совет на местото на Владимир Стојановски, по истекот на неговиот мандат.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - На отчетно, одговорно, транспарентно и чесно работење денеска и официјално се обврзаа членовите на Владата, потпишувајќи го етичкиот Кодекс донесен на 22 септември годинава, соопшти владината прес-служба.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот министер Миле Јанакиески денеска се прогласени за виновни во случајот Насилство во центар. Груевски е осуден на казна затвор од една години и шест месеци, а Јанакиески на условна казна затвор.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп и демократскиот предизвикувач Џо Бајден денеска ја имаа својата прва дебата, пет недели пред претседателските избори во САД.

ЛИТВАНИЈА - Францускиот претседател, Емануел Макрон, на денешната средба со белоруската опозиционерка Светлана Циханускаја во Вилнус, Литванија, вети помош од Европа во посредувањето на политичката криза во Белорусија.

УНГАРИЈА / ПОЛСКА - Унгарските и полските власти објавија дека формирале Институт за борба против Либералната идеолошка репресија од Брисел, откако се заканија дека ќе го блокираат планот за закрепнување на Европската унија, поради најавените субвенции поврзани со владеењето на правото во земјите-членки на Унијата.

ИРАК - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп може да ја затвори амбасадата во Ирак ако владата не преземе чекори за да ја заштити од напади. Државниот секретар Мајк Помпео, му соопшти на премиерот Мустафа ал-Кадими за плановите за повлекување за време на телефонскиот разговор на 26 септември, објавија американските новински агенции.