Османи во дипломатска мисија во Брисел

Бујар Османи, министер за надворешни работи

Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи од утре е во дводневна работна посета на Брисел, каде ќе се сретне со високи претставници на европските институции. Во рамките на посетата, како што соопшти МНР, Османи ќе оствари средба со високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борељ, како и со потпретседателката на Европската комисија задолжена за демократија и демографија како и за конференција за иднината на Европа, Дубравка Шуица.

Во рамките на посетата, Османи ќе оствари средба и со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархеи, а предвидени се средби и со високи официјални претставници на Европскиот парламент и европарламентарци. Агендата на министерот Османи предвидува и средба со Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западниот Балкан и дијалогот Белград – Приштина.

Османи - Меморандумот на Бугарија отстапува од принципите на Договорот

Како што се наведува во соопштението од МНР, клучна точка на разговорите ќе биде европското досие на Северна Македонија.

„Министерот Османи ќе ги претстави приоритетите на својата мандатна мисија, со посебен осврт кон добрососедските односи и придонесот кон регионот, при ште ќе ги реафирмира: силната проевропска програма на новата влада, продолжување на реформските процеси со ЕУ предзнак, особено во делот на владеење на правото, како и социо-економските мерки за справување со последиците од пандемијата“, стои во соопштението.