Во Турција затвор за заразени од Ковид-19 за давање неточни податоци за контактите

Илустрација- Истанбул, Септември 2020

Затвор од три месеци до две години им се заканува на заразените со Ковид-19 во Турција, кои даваат неточни или нецелосни податоци во изјавите за нивните контакти, јавува Анадолија. Турското Министерство за внатрешни работи испрати циркуларно писмо до окружните администрации на земјата со барање да се преземат активности согласно турскиот кривичен законик во случаи кога се дава лажна изјава или неточни податоци. Членот 206 од турскиот кривичен законик предвидува затвор од три месеци до две години или парична казна за оние кои поднесуваат лажна изјава до одговорните државни органи.

Во исто време, весникот „Хуриет“ пишува дека поради зголемениот број случаи на Ковид-19 во земјата, турската влада планира дополнително да ги заостри мерките за оние што ги кршат карантинските правила, повикувајќи се на друг член од кривичниот законик. Според член 195, секој што не ги почитува карантинските мерки може да биде осуден на казна затвор од два месеца до една година.

Засега, сепак, не се размислува за враќање на полицискиот час во Турција, додава весникот.