САД ќе воведат нови санкции кон Иран

Американскиот специјален претставник за Иран и Венецуела Елиот Абрамс.

САД ќе воведат нови санкции за голем број ирански претставници и правни лица, вклучувајќи и судија кој го осуди на смрт иранскиот борач Навид Афкари, соопшти американскиот специјален претставник за Иран и Венецуела Елиот Абрамс.

Тој ова го кажа денеска за време на сослушувањето во Комитетот за надворешни работи во американскиот Сенат во Вашингтон, на кој се разговараше за надворешната политика во однос на Блискиот Исток.

Борачот Афкари беше погубен овој месец по пресудата за убиство на припадник на обезбедувањето за време на антивладините протести во 2018 година, јавија иранските медиуми. Случајот предизвика бројни меѓународни реакции, а претседателот Доналд Трамп го повика Иран да го поштеди неговиот живот.

Претставниците на Демократската партија во Комитетот за надворешни работи ја критикуваат политиката на претседателот Трамп кон Иран, велејќи дека неговата одлука за повлекување од нуклеарниот договор со Техеран од 2015 година е неуспешна. Трамп во 2018 година се повлече од договорот кој го потпишаа Иран и шесте светски сили (САД, Русија, Кина, Велика Британија, Франција и Кина), и покрај загриженоста дека тоа може да го отвори патот на Иран за развој на нуклеарно оружје.

Трамп воведе санкции врз Иран за да го натера да преговара за нов договор. Абрамс на сослушувањето призна дека Иран сега е „малку поблиску“ до развој на атомска бомба, но оти економските санкции сериозно ја оштетиле иранската економија и оти очекуваат Техеран да прифати разговори по изборите. Претседателските избори во САД, на кои претседателот Доналд Трамп ќе се обиде да добие втор мандат, треба да се одржат на 3 ноември.