Од Каракачанов до Месечината

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Отворање на НАТО пазарот за македонските компании чиј годишен износ е околу четири милијарди долари, стабилен раст на одбранбениот буџет, клучна модернизација на Армијата, инвестиции во армиските капацитети..., најави денеска министерката за одбрана Радмила Шекеринска, при презентацијата на приоритетите на Министерството за одбрана во претстојниот мандат.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Никола Груевски и Миле Јанакиески, поттикнувачите на насилствата пред Општина Центар, треба да бидат најстрого казнети за да се одвратат сите други од такви намери во иднина, рече во завршниот збор обвинителката Фатиме Фетаи, на денешното рочиште за случајот Насилство во Центар. Претходно беше повлечено обвинението од истиот случај за Даниела Рангелова, поранешна пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ и лидерка на Унијата на жени на партијата.

БУГАРИЈА - Ќе кажеме дека не е време да се закаже прва меѓувладина конференција, изјави бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, нагласувајќи дека зборува во име на владата и ја обвини Северна Македонија дека по однос на Договорот со Бугарија нема никаков напредок, туку само имитација.

САД - Претседателот на САД, Доналд Трамп, повторно одби да се обврзе на мирен трансфер на власта доколку ги загуби претседателските избори на 3 ноември.

РУСИЈА / БУГАРИЈА - Министерството за надворешни работи на Бугарија прогласи двајца руски дипломати за персона нон грата. Во соопштението од бугарското МНР се прецизира дека руската Aмбасада била известена со дипломатска нота. Двајцата дипломати имаат 72 часа да ја напуштат Бугарија.

БЕЛОРУСИЈА - Тајната претседателска инаугурација на Александар Лукашенко во Белорусија беше пречекана со критики и најави за помасовни протести на опозицијата, а како што се појавија и сцени од најновите протести, САД го додадоа своето име на списокот на земји кои велат дека нема да го признаат претседателството на Лукашенко.

ХОНГ КОНГ / КИНА - Познатиот хонгконгшки про-демократски активист, Џошуа Вонг, е уапсен денеска за непочитување на нередбите за време на протестите во октомври 2019 година во оваа поранешна британска колонија, соопшти тој на Твитер, пренесе Германската новинска агенција ДПА.

САД - Американската НАСА го објави планот Артемис за испраќање луѓе на Месечината во 2024 година, за првпат по мисијата Аполо 17 во 1972 година, соопшти Агенција и додаде дека во мисијата ќе има еден астронаут и една астронаутка, која ќе биде првата жена испратена од НАСА на Месечината.