Протест на ВМРО-ДПМНЕ- мора да има одговорност за незаконското прислушување

Скопје- протест на ВМРО-ДПМНЕ против неправдите, реваншизмот и политичкото насилство, 23.09.2020

Од зградата на Министерството за правда до пред Кривичниот суд Скопје, вечерва ВМРО-ДПМНЕ, го одржа протест против ,како што најави, „неправдите, реваншизамот и политичкото насилство“. Учесниците во тек на протесниот марш извикуваа „слобода“, „оставка“, „мафија на робија”, „Никогаш северна, само Македонија“.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во својот говор пред Кривичниот суд рече дека „правдата во Македонија е нападната“, истакнувајќи дека „селективната правда денес во Македонија е неправда“. Тој упати и неколку барања до премиерот Зоран Заев, од кој едно беше и тој да го одржи ветувањето дадено во времето кога беше во опозиција и да дадат можност опозицијата да предложи независен и непристрасен јавен обвинител кој „ќе го исече од корен криминалот“.

„Ова не би требало да биде пречка за Заев, бидејќи истото го предлагаше пред да дојде на власт. Второ под итно да се спречи реваншизмот, да престанат притисоците и политичките етикетирања во администрацијата, војската и Министерсвото за внатрешни работи. На сите тие кои се обесправени, ВМРО-ДПМНЕ им нуди бесплатна правна помош. Државата во моментов е без Комисија за заштита од дискриминација. Најитно да се формира ова Комисија и да се донесе новиот Закон за заштита од дискриминација. Мора оние кое се подложни на уцени, закани да бидат заштитени. Сите предмети кои се познати во јавноста, сите предмети за криминал за кои власта сега молчи ќе бидат отворени и предмет на ревизија. Не може во Македонија да владе правото ако не се открие под, чиј налог и под чија наредба беа незаконско прислушувани илјадници наши сограѓани, мора да се знае и затоа да се сноси одговорност тој што ја дал таа наредба“, истакна Мицкоски.

На протестот зборуваа и пратеникот Игор Дурловски и Ружица Николовска од ВМРО-ДПМНЕ. Претходно опозициската партија протестираше и за поскапувањето на струјата и за револуционерот Гоце Делчев обвинувајќи ја власта дека сака да го „продаде“ Делчев во преговорите со Бугарија.