Димитров - Вархеји: Следниот период клучен за Северна Македонија

Потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров на денешна средба со еврокомесарот Оливер Вархеји го потенцирале значењето на периодот што следи како суштински за иднината на Северна Македонија. 22.09.2020.

Потпретседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска во Брисел се сретна со еврокомесарот за соседство и проширување Оливер Вархеји, при што разговарале за следните чекори на европскиот пат на Северна Македонија, вклучително и усвојувањето на Преговарачката рамка и одржувањето на првата меѓувладина конференицја со ЕУ, соопшти денеска Секретаријатот за европски прашања (СЕП).

Во март оваа година ЕУ донесе одлука Северна Македонија и Албанија да ги почнат преговорите за членство, откако Унијата усови нова методологија за преговарање со земјите кандидатки.

Во соопштението на СЕП се вели дека Димитров и Вархеји го потенцирале значењето на периодот што следи како суштински за иднината на Северна Македонија, во кој државата ќе покаже нагласена политичка заложба и ќе ги впрегне целокупните капацитети за имплементација на реформите во клучните области.

„Спремноста, визијата и посветеноста на нашиот тим за реализирање на овој стратешки национален интерес ја потврдува потребата за следниот историски чекор на нашата европска агенда – отпочнување на пристапниот процес“, изјави Димитров.

Еврокомесарот Вархеји информираше за напредокот во финализирањето на економската програма за развој и инвестиции во Западен Балкан, соопшти СЕП.

Македонија стана земја кандидат за членство во ЕУ во 2005 година, а од 2009 година добиваше препораки за почеток на преговорите кои не почнуваа по противењето на Грција поради спорот за името, кој беше решен во 2018 година со потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу двете земји.