Вицепремиерот Димитров во посета на Брисел

Никола Димитров

Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров денеска ќе престојува во работна посета на Брисел, што е и прва посета во седиштето на ЕУ на претставник на Владата на Северна Македонија по нејзиното формирање.

Како што соопшти СЕП, предвидени се средби со потпретседателот на Европската комисија задолжен за промоција на европскиот начин на живот, Маргаритис Схинас и еврокомесарот за соседство и проширување, Оливер Вархеји, како и со други претставници на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување на Европската комисија.

На маргините на Советот за општи работи на ЕУ (ГАК) што неделава се одржува во Брисел, вицепремиерот Димитров ќе има средба и со државниот министер за Европа на Сојузна Република Германија, Михаел Рот.

На средбите Димитров ќе ги отвори прашањата поврзани со ИПА 3 програмата, имајќи го предвид утврдувањето на Повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ 2021-2027 што е актуелно периодов. Во тој контекст ќе се зборува и за подготовките за димензионирање и објавување на најавената Економска програма за развој и инвестиции за Западен Балкан.