Пендаровски, Трамп, Орбан, Дачиќ, Лукашенко...

УНГАРИЈА - Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, ја поддржа кандидатурата на американскиот претседател Доналд Трамп на претстојните претседателски избори во САД. Тој рече дека го поддржува Трамп затоа што неговите ривали од Демократската партија во САД наметнале, како што вели, морален империјализам на светот, јави Ројтерс.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска изјави дека е оптимист оти заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања ќе изнајде решение по прашањето за Гоце Делчев.

СРБИЈА - Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, денеска, по повод барањето на македонскиот претседател Стево Пендаровски до Вселенскиот патријарх Вартоломеј да ја признае Македонската православна црква (МПЦ-ОА), изјави дека постои начин да се разговара за тоа и оти попречните патишта не придонесуваат за добрите односи меѓу двете земји, јави МИА од Белград.

ГРЦИЈА - Меморандум за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ, Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на FIR Скопје, се трите потпишани меморандуми меѓу Северна Македонија и Грција што произлегуваат од Договорот од Преспа, а веќе се доставени во грчкиот Парламент и откако ќе ги поминат предвидените процедури, ќе треба да бидат ратификувани.

БЕЛОРУСИЈА / БЕЛГИЈА - Шефот на дипломатијата на Европската унија (ЕУ), Жозеп Борел, оцени дека ситуацијата во Белорусија продолжува да се влошува поради репресијата на властите над мирните демонстранти.

САД / КОСОВО / СРБИЈА - Државна делегација на САД, предводена од извршниот директор на Американската меѓународна финансиска корпорација за развој (ДФЦ), Адам Белер, од денеска до петок ќе ги посети Косово, Србија, Грција и Израел за да промовира економска соработка и развој, објави ДФЦ во Вашингтон.

ЦРНА ГОРА - Лидерите на коалициите За иднината на Црна Гора, Мирот е наша нација и Црно-бело - Здравко Кривокапиќ, Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ, се состанаа денеска во Подгорица да разговараат за програмата и приоритетите на идната влада, како и за поделбата на одговорностите.