Имињата на мајките дел од личните карти во Авганистан

Имињата на авганистанските мајки ќе се заведуваат во националните лични карти на нивните деца. Авганистанскиот претседател Ашраф Гани денеска го потпиша законот со кој наскоро оваа новина ќе треба да се практикува, по долгогодишната кампања на активистките за правата на жените.

Оваа беше барање за кое активистките со години лобираа во Авганистан, религиозна и конзервативна земја, каде што жените се идентификуваат исклучиво со имињата на машките роднини.

За мажите од оваа земја, традиционално се смета за срамно откривањето на имињата на жените од нивното семејство.

Досега во личните карти беше заведено само името на таткото. Врз основа на овој указ, кој како закон беше неодамна усвоен во Парламентот, имињата на мајките заедно со имињата на татковците ќе бидат дел од информациите во личните карти на жителите.