ОН усвои резолуција за следење на случувањата во Белорусија

Советот за човекови права на Обединетите нации денеска ја усвои резолуцијата поднесена од Европската унија за мониторинг за наводните повреди на правата во Белорусија, за време на антивладините протести на демонстрантите кои бараат оставка од долгогодишниот претседател Александар Лукашенко,

Високиот комесар на ОН за човекови права Мишел Башелет доби мандат повнимателно да ја следи состојбата во Белорусија и да достави извештај со препораки до крајот на годината. Резолуцијата беше усвоена откако 23 земји гласаа „за“, две беа „против“ и 22 беа воздржани на форумот во Женева со 47 земји членки. Русија која не е земја членка, туку е земја набљудувач поднесе 17 амандмани кои беа одбиени од Советот.

До ова дојде откако белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја побара од Минск да дозволи меѓународна мисија да ги документира наводните злосторства од власта кон демонстрантите и медиумите по спорните избори. Нејзините забелешки дојдоа откако Он предупреди на можна „втора железна завеса “ да се спушти во Европа.

Тихановскаја во својот говор на итната седница на која се приклучи видео он лајн од Литванија каде што се наоѓа во егзил, повика на ставање крај на насилството врз демонстрантите од белоруските власти и нови слободни и фер претседателски избори.

„Уште еднаш ја потенцирам нашата подготвеност да разговараме со властите и да бараме мирно решение за кризата што ја погоди нашата нација“, изјави Тихановскаја.