Јазици, ордени и итни седници

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Врховниот суд ги отфрли жалбите поднесени од осудените во случајот Тенк, Никола Груевски, Гордана Јанкуловска и Ѓоко Поповски и ги потврди пресудите изречени од Апелациониот суд, соопшти денеска Врховниот суд.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Посебноста на македонскиот јазик и македонскиот етнички идентитет се неспорен факт. Македонскиот јазик е составен дел од личната карта на Северна Македонја во ОН и дел од многуте прифатени признаени модерни јазици што се изучуваат на универзитетите во целиот свет, изјави денеска премиерот Зоран Заев во врска со меморандумот кој Бугарија го испратила до Европската унија со барање да биде дел од преговарачката рамка за Северна Македонија.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО) нема да поведе постапка за случајот Теретана, во кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и уште неколку лица се сомничеа дека користеле услуги на фитнес-центар во Скопје и ги прекршиле мерките за заштита од Ковид-19, соопшти денеска ОЈО.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Учебната 2020-2021 година ќе се одвива преку Националната платформа за онлајн учење, која е инклузивна, едноставна за користење и нуди учење на пет јазици, таа е практична, лесна за користење и го доближува образованието и наставните содржини до учениците на каналите кои тие секако често ги користат, изјавија денеска премиерот Зоран Заев и министерката за образование и наука, Мила Царовска, на заедничка прес-конференција.

САД - Директорот на ФБИ Кристофер Вреј им рече на американските конгресмени дека Русија продолжува да се обидува да влијае врз изборите во САД и дека нејзината примарна цел е да го оцрни кандидатот за претседател на Демократската партија Џо Бајден.

БУГАРИЈА - Лидерите на земјите членки на Европската унија (ЕУ) и на Западен Балкан ќе се сретнат на 10 ноември на Самит во Софија, кога треба да биде усвоен планот за реализација на регионалната економска област.

БЕЛОРУСИЈА - Советот за човекови права на ОН се согласи да организира итна дебата за влошената ситуација во Белорусија, по протести за спорниот реизбор на Александар Лукашенко за претседател во минатиот месец. На учесниците на дебатата ќе им се обрати и опозициската лидерка Свјатлана Циханускаја.

КОСОВО - Претседателот на Косово Хашим Тачи ќе му додели на американскиот претседател Доналд Трамп Орден на слободата, највисоката награда на Косово, за неговата улога во постигнувањето договор меѓу Србија и Косово за нормализирање на економските односи. Во писмото до кое имал пристап Ројтерс, косовскиот претседател Хашим Тачи го информирал Трамп за орденот.