Украина ги повика еврејските аџии блокирани на границата да се вратат дома

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Еврејски аџии блокирани на украинската граница

Украина денеска остро ги предупреди еврејските аџии кои со денови се блокирани на нејзината граница, дека нема да им дозволи влез во земјата поради рестрикциите за спречување на ширењето на коронавирусот.

Украинските власти соопштија дека околу 2000 луѓе се собрани на границата со Белорусија со надеж дека ќе може да влезат во земјата и да стигнат до украинскиот град Уман, каде што е гробот на рабинот Нахман од Бреслав, кој починал во 1810 година.

Илјадници ултраортодоксни Евреи го посетува тој град секој септември за еврејската Нова година Рош Хашана. Годинава таа се слави од 18 до 20 септември.

Некои аџии успеале да влезат во Уман пред Украина да ги затвори границите за странци кон крајот на август поради зголемувањето на бројот на заболени од коронавирус. Илјадници други тргнаа на пат преку Белорусија, која не забранува влез за странци.

Претставник на украинското Министерство за внатрешни работи Михаило Апостол денеска потврди дека на аџиите нема да им биде дозволено да ја преминат границата.

„Украина ги затвори границите за странци и нема да бидат направени исклучоци за хасидските аџии. Станува постудено и предлагаме да се вратат назад во Белорусија, да купат билети и да се вратат дома“, рече тој.

Израелскиот министер за високо образование Зеев Елкин денеска на Твитер напиша дека пропаднале напорите да им се помогне на аџиите да влезат во Украина и ги повика да се вратат во Израел.

Илјадници аџии неколку дена се во меѓуграничниот појас меѓу Белорусија и Украина, спијат во шатори или на земја, додека Украина и Белорусија се препукуваат околу блокадата.