Од Делчев до Кардашијан

БАРБАДОС - Барбадос сака да ја отстрани британската кралица Елизабета од чело на државата и да стане република, соопшти владата на таа карипска држава, пренесе Ројтерс.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Секогаш ќе има дебати за идентитетот на Гоце Делчев и во Македонија и во Бугарија, со оглед на неговото место во пантеонот на националните херои. Ако постои добра волја од двете страни, може да се постигне резултат. Еден начин е мултиперспективноста. Двете гледишта за Гоце Делчев мора да постојат паралелно. И тоа нема да биде пречка тој да се слави од двете страни, рече проф. Драги Ѓоргиев, копретседавач од македонска страна во историската комисија на Северна Македонија и Бугарија, пренесе МИА

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот Артан Груби денеска потврди дека ДУИ ќе ги добие раководните позиции во Јавното претпријатие за државни патишта, Македонски електропреносен систем оператор и Агенцијата за лекови и медицински средства.

ГРЦИЈА / СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Се чувствувам како да е исполнување на мојот сон, да дојдам во Атина да разговарам за бизнис, да разговарам за соработка, да разговарам за споделување на искуства, рече денеска македонскиот премиер Зоран Заев ан панел дискусијата посветена на Западен Балкан во рамките на конференцијата на Економист. Заев денеска имаше средба и со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис.

БЕЛГИЈА - Отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија претставуваат историска одлука, рече претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, во својот годишен говор за состојбата на Европската Унија (ЕУ). Оваа одлука таа ја поврза со односите помеѓу ЕУ и Кина, алудирајќи на патот на свилата, големиот кинески економски проект кој поминува низ балканскиот регион, јави МИА од Брисел.

ИНДИЈА - Во Индија, земјата која е на второ место во светот по бројот на заразени, бројот на потврдени случаи на инфекција со коронавирус надмина пет милиони. Вкупно се инфицирани 5.020.359 лица, откако во последните 24 часа беа пријавени 90.123 нови случаи на инфекција.

ИРАН - Иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека Бахреин и Обединетите Арапски Емирати ќе бидат единствените одговорни за сериозните последици од нормализацијата на нивните односи со Израел, јави АФП.

БУГАРИЈА - Бугарскиот окружен суд го осуди заменик претседателот на парламентот и шеф на мала опозициска партија на четири години затвор за изнуда пари од сопственик на пица ресторан. Веселин Марешки (53), на фотографијата во заштитниот скафандер, е на чело на популистичката партија Волја, која има врски со пан-европската крајно десничарска партија Идентитет и демократија. Марешки, кој беше прогласен за виновен за изнуда на пари од бизнисменот ги негираше сите обвинувања и рече дека неговите адвокати ќе поднесат жалба во законскиот рок.

ЈАПОНИЈА - Јапонскиот Парламент го избра новиот претседател на владејачката Либерално-демократска партија, Јошихиде Суга, за нов премиер на државата, откако неговиот претходник Шинзо Абе се повлече од премиерската функција поради здравствени причини.

САД - Неколкумина познати личности од САД велат дека ги замрзнаа своите сметки на Фејсбук и Инстаграм денеска, како дел од кампањата за спречување на ширењето омраза и пропаганда на платформите на социјалните медиуми. Меѓу славните учествуваа во еднодневното замрзнување беа и Леонардо ди Каприо, Саша Барон Коен, Ким Кардашијан и Џенифер Лоренс.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА / СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Врба доби номинација за најдобар меѓународен филм, а Милчо Манчевски е номиниран за најдобар режисер на претстојниот фестивал Рејнденс во Лондон, најголемиот фестивал на независен филм во Велика Британија и еден од најголемите во светот.