Германија даде 627 милиони евра за развој на вакцина против Ковид 19

илустрација

Германија издвои 627 милиони евра за биотехнолошките компании BioNTech и CureVac за забрзување на развојот на вакцината против Ковид-19. Министерката за образование и истражување, Ања Карличек, предупреди дека безбедноста треба да остане главен приоритет за пошироката популација да ја прифати вакцината.

„Дури и додека светот е во исчекување на вакцина, ние нема да преземеме ризични чекори“, рече таа на прес-конференција во Берлин.

Министерот за здравство Јенс Шпан пак изјави дека сите испитувања со вакцини ќе бидат спроведени до третата фаза, што значи дека третманот ќе биде тестиран на неколку илјади доброволци пред да добие зелено светло. Министрите, исто така, инсистираат на тоа вакцинацијата да биде целосно доброволна, што е спротивно на некои информации на социјалните мрежи каде се шират теориите на заговор поврзани со пандемијата.

Испитувањата за вакцина против ковид-19 продолжуваат

Недовeрбата во вакцината поле за дезинформации

Многумина се загрижени дека може да се намалат стандардите за безбедност и ефикасност во трката за развој на вакцината против Ковид-19, од кој досега заболеле повеќе од 29 милиони луѓе во светот, а починале над 926.000.

Министрите Шпан и Карличек изјавија дека вакцината најверојатно ќе биде достапна следната пролет.