Средба Мицотакис – Заев в среда во Атина

Премиерите на Македонија и на Грција Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис на средба во Њујорк

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис најави дека в среда во Атина ќе се сретне со македонскиот премиер Зоран Заев, кој ќе присуствува на конференцијата на „Економист“. Мицотакис најави дека ќе се сретне и со албанскиот премиер Еди Рама, кој исто така ќе присуствува на конференцијата. На денешната прес-конференција во Солун, Мицотакис рече дека постојат прашања за дискусија.

Одговарајќи на новинарско прашање за Договорот од Преспа, Мицотакис објасни дека конкретната тема е затворена со оглед на тоа дека станува збор за меѓународен ратификуван договор, а Грција ги почитува таквите договори.

„Континуирано ја изразувавме нашата резервираност, но исто така имавме кажано дека Грција е земја на владеењето на правото и ги почитува меѓународните ратификувани договори“, рече тој.

Грчкиот премиер објасни дека со премиерот на Албанија Еди Рама ќе разговараат за одлуката на Грција за проширување на морските територијални води во Јонското Море, но и истакна дека „Грција треба да има протагонистичка улога на Балканот и ќе има протагонистичка улога на Балканот“.

Премиерот Зоран Заев в среда ќе учествува на „24-та тркалезна маса со грчката Влада“, односно дводневната конференција на Економист, што традиционално се одржува секоја година, а сега е закажана за 15 и 16 септември во областа Лагониси, во источниот дел на регионот Атика.

Според објавената агенда, македонскиот премиер ќе учествува на панел дискусија посветена на Западен Балкан, на вториот ден од конференцијата.

За проширувањето на ЕУ и следните чекори, за реформите што треба да се спроведат, како и за трговијата и инвестициите, на панел дискусијата посветена на Западен Балкан, ќе дискутираат премиерот на Северна Македонија Зоран Заев и премиерот на Албанија Еди Рама, додека пак за политичката перспектива ќе говорат поранешните министри за надворешни работи на Грција Дора Бакојани и Јоргос Катругалос, кои сега се пратеници од Нова демократија, односно СИРИЗА.

Меѓу најавените учесници на дводневната конференција се и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, лидерот на СИРИЗА Алексис Ципрас, министри од грчката Влада, меѓу кои и оние за надворешни работи, за здравство, за одбрана, за инвестиции, шефот на кипарската дипломатија, амбасадорот на САД во Грција итн. На ланската конференција на Економист учествуваше тогашниот шеф на македонската дипломатија Никола Димитров.