Над 50 загинати во уривање на рудник за злато во Конго

Илустрација: Рудник во Конго

Повеќе од 50 луѓе загинале синоќа во уривање на рудник за злато во Конго, поради лизгање на земјиштето по поројните дождови. Рудникот се наоѓа во близина на градот Камитунга на истокот на земјата.

Градоначалникот изјави дека водата „ги проголтала рударите“ и дека на лице место стигнал спасувачки тим со моторни пумпи за да ги извадат телата на жртвите.

Повеќето од загинатите се млади луѓе, соопштија од канцеларијата на локалниот гувернер, кој им изрази сочувство на семејствата на жртвите.

Во рудниците во Конго често се случуваат несреќи поради небезбедните услови за работа, а десетици рудари умираат секоја година. Жени и деца исто така работат во рудниците за да состават крај со крај.

На почетокот на оваа година се случија слични трагедии во рудниците во Манијема и Катанга, кога загинаа најмалку 18 луѓе.