РКЕ - Барањето на ВМРО-ДПМНЕ е архивирано

Втор протест на ВМРО-ДПМНЕ против поскапувањето на струјата. 11.09.2020.

Барањето што го достави ВМРО-ДПМНЕ за време на денешниот протест е архивирано по стандардна процедура како и за сите правни и физички лица, соопшти денеска Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Соопштението доаѓа откако опозициската партија денеска пред институцијата одржа протест против покачувањето на цената на струјата.

Втор протест на ВМРО-ДПМНЕ: Оставка од РКЕ, нема повлекување

Протестот на ВМРО-ДПМНЕ беше втор оваа недела. Владо Мисајловски во име на партијата пренесе барање до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) за враќање на цената на струјата и оставка од членовите на РКЕ и нејзиниот претседател.

Мисајловски рече дека нивните барања не можеле да ги достават до РКЕ, бидејќи таму наишле на затворена врата.

Од РКЕ велат дека поради состојбата со пандемијата и заштита на здравјето на граѓаните и вработените, уште во март оваа година бил воведен протокол за работа во кој, меѓу другото, дописисте требало да се доставуваат во изолирана кутија на влезот на институцијата.

„Во однос на доставеното барање беше постапено по воспоставениот протокол. Здравјето на граѓаните и безбедноста на вработените во време на пандемија е клучен предуслов за функционирање на институцијата и затоа третманот на денешното барање на ВМРО-ДПМНЕ е ист како за сите правни и физички лица кои се обраќаат до РКЕ“, се вели во соопштението.

Цената на струјата беше покачена по одлуката на РКЕ пред речиси два месеца, на барање на поголемиот дел од енергетските компании во Северна Македонија. Тоа резултираше со секојдневни граѓански протести во повеќе градови во државата.