44 пратеници побарале апанажа, дилема се патните трошоци

Фотографија од Конститутивна седница на Собрание на Република Северна Македонија

Ако добие предлог од Владата за укинување на патните трошоци на сите избрани и именувани функционери, вклучувајќи ги и пратениците, претседателот на Собранието, Талат Џафери, ќе достави предлог до пленумот за гласање. Но, како што рече на денешниот брифинг со новинарите, не очекува такво нешто, иако во јавноста некои пратеници најавуваа дека ќе се откажат од патните трошоци. Според него, поединечно барање на пратеник или фунционер се коси со Уставот.

„Ако сакаат да доаѓаат со тротинет, ќе им обезбедам паркинг на пратениците“, рече Џафери на брифингот со новинарите, додавајќи дека доколку функционерите сакаат да се откажат од службените возила нека одат на работа со тротинет.

Тој информираше и дека 44 пратеници од минатиот парламентарен состав доставиле барања до Собранието за апанажа, а се уште трае рокот за поднесување барање за надомест по престанок на функција од поранешните министри.

Минатата недела премиерот Зоран Заев изјави дека на поранешните пратеници лично ќе им понуди работа во администрација за да се откажат од апанажа.