Хронично болните до 23 септември да обезбедат потврда од специјалист

Министерот за здравство, Венко Филипче

Хронично болните имаат рок до 23-ти септември да посетат специјалист и да добијат потврда со која поради нивната дијагноза и состојба нема да можат да се вратат на работа. За да можат да го реализираат тоа, ќе бидат пуштени дополнителни термини на Мој Термин и е-амбуланта. Доколку до 23 септември овие пациенти не стигнат да ги обезбедат потврдите, ќе се остави простор за пролонгирање, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Ова следува по препораката на Комисијата за заразни болести и по одлуката на Владата според таа препорака, за враќање на хронично болните на работа, со исклучок на потешките случаи.

„Иницијално идеата беше да се спреми системот, да се направат промени во правилникот, да им се дозволи на пациентите да може да направат преглед согласно оваа нова стратегија, за тој што треба навистина да седи дома, заради комплексноста на одредена хронична болест, или заради тоа што во даден момент има влошување на сотојбата. Меѓутоа тоа да го утврди лекар специјалист, а не согласно претходно поставена дијагноза за хронична болест. Пациентот може да извади соодветна потврда или уверение од специјлист и на тој начин да биде ослободен од работа“, појасни Филипче.

Министерот за здравство рече дека нема простор за паника бидејќи мерката е димензионирана за да ги заштити ризичните пациенти.