Битолски бизнисмени и модерни полицајци

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Да, лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски. За ВМРО-ДПМНЕ и индиректно сме донирале, за избори и не по наша иницијатива туку на барање на луѓе од партијата. Ова денеска го изјави битолскиот бизнисмен Силјан Мицевски како сведок пред Судот во случајот Талир во кој се суди за незаконско фнансирање на ВМРО-ДПМНЕ.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Со ригорозно ограничување на брзините во населените места и со камери на опремата на самите полицајци, Министерството за внатрешни работи ќе ги лови неправилностите во сообраќајот и истовремено ќе го минимизира влијанито на човечкиот фактор во избегнувањето да не се казнува или да не се плати казната која ќе биде директно врзана со регистрацијата на возилото, најави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Детските градинки во државата денеска почнаа со работа според строги здравствени протоколи, а за згрижување се пријавени 14.555, за околу 19 илјади места. Од Владата апелираа да се пријави и најмалиот сомнеж за Ковид-19 во градинките.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Во зградата на улица Димитар Влахов во Скопје, во која се сместени Инспекторатот за животна средина, Секретаријатот за европски прашања и МИА, денеска избувна пожар во кој, за среќа, нема повредени. Изгореле дел од канцелариите на Инспекторатот. Првичната проценка на противпожарната служба е дека причината за пожарот е електричната инсталација.

НОРВЕШКА / САД - Пратеник од норвершката екстремна десница денеска изјави дека го номинирал американскиот претседател Доналд Трамп за Нобеловата награда за мир за неговите напори на Блискиот исток, односно помирувањето на Израел и Обединетите Арапски Емирати, јави агенцијата АП.

АВГАНИСТАН - Најмалку 10 лица загинаа, а над 30 се повредени во експлозија на бомба покрај пат во Кабул, чија цел била првиот потпретседател на Авганистан Амрулах Салех, кој бил спасен само со мали изгореници, соопшти неговиот портпарол, Разван Мурад. Ова не е прв напад врз потпретседателот кој претходно беше шеф на авганистанското разузнување, пренесе АП.

СРБИЈА - Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави денеска дека не му паднало на памет дека поради столот на кој седел во Овалната соба во Белата куќа, да ја напушти средбата со Трамп.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - AstraZeneca соопшти дека ги паузирала глобалните испитувања, вклучувајќи го и големото испитување во доцна фаза, на својата експериментална вакцина за коронавирус, поради необјаснета болест кај учесник во студијата.

РУСИЈА - Земјите од Г7 ја повикаа Русија денес итно да ги изведе пред лицето на правдата извршителите на потврденото труење на лидерот на опозицијата Алексеј Навални. Во изјавата министрите за надворешни работи на Германија, Канада, САД, Франција, Италија, Јапонија и Велика Британија наведуваат дека се обединети во најостра осуда за потврденото труење на Алексеј Навални.