Локализиран пожарот во Инспекторатот за животна средина, нема повредени

Пожар во зградата на Инспекторатот за животна средина, СЕП и МИА

Пожарот кој утринава избувна во зградата во која се сместени Секретаријатот за европски прашања, Инспекторатот за животна средина и Македонската информативна агенција во центарот на Скопје, е локализиран. Пожарот бил во просториите на Инспекторатот, изјави командантот на Територијалната противпожарна бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски.

Командантот информираше дека пожарот бил во просториите на Инспекторатот за животна средина, нема повредени и дека првичната проценка е дека причината за пожарот е електричната инсталација. При интервенцијата на пожарникарите, само еден пожарникар се пожалил на задушување по што интервенирала екипа на брза помош и пожарникарот е во стабилна состојба.

Пожарот избувна денеска рано утрото на улицата Димитар Влахов, во поранешната згрдата на Комерцијална банка. Во време на пожарот, кој избувнал во канцелариите на Инспекторатот, немало луѓе, бидејќи работното време почнува во 20.30 часот.

„Станува збор за сложена интервенција затоа што пожарот е во Инспекторатот за животна средина. Се работи за простории во поранешна Комерцијална банка, преградени со гипс картони и стаклени врати. Внатре не работи ниту еден хидрант. Тоа ни претставуваше проблем. Точно не знаевме како да влеземе се додека не пристигнаа од МИА кои ни дадоа шема како да влеземе“, изјави денеска командантот на пожарникарите, Симоновски, по нивната интервенција.