Г7 ја повика Москва итно да ги изведе на суд виновните за труењето на Навални

Рускиот опозициски лидер Алексеј Навални зборува за време на митингот за поддршка на политичките затвореници во Москва, 29.09.2019

Земјите од Г7 ја повикаа Русија денес „итно“ да ги изведе пред лицето на правдата извршителите на „потврденото труење“ на опозицијата Алексеј Навални. Во изјавата министрите за надворешни работи на Германија, Канада, САД, Франција, Италија, Јапонија и Велика Британија наведуваат дека се обединети „во најостра осуда за потврденото труење на Алексеј Навални“.

Навални се разбуди од кома, рано е за прогнози за последиците

Претходно и Високиот комесаријат на Обединетите нации за човекови права ја повика руската влада „целосно да го испита“ труењето на опозицискиот политичар Алексеј Навални, нарекувајќи го инцидентот „обид за убиство“. Во својата изјава од 8 септември, високиот комесар Мишел Бачелет вели дека германските специјалисти имаат „недвосмислен доказ“ оти Навални бил отруен со нервен отров Новичок додека летал од сибирскиот град Томск кон Москва на 20 август. 44 годишниот Навални се наоѓа на лекување во болница во Берлин. Кремљ негира каква било вмешаност во инцидентот.

Мас: Можни санкции против Русија поради труењето на Навални

„Навални беше очигледно некој на кој му требаше државна заштита дури и ако тој беше политички трн во око на владата“, рече Бачелет, истакнувајќи дека Навални бил постојано малтретиран и напаѓан со години пред труењето на 20 август. „Не е доволно добро едноставно да негираме дека е отруен ... На руските власти им е обврска целосно да испитаат кој е одговорен за ова злосторство - многу сериозно злосторство извршено на руско тло“, рече таа.