Минато и иднина

БЕЛОРУСИЈА - Белорускиот претседател Александар Лукашенко за руска телевизија наводно признал дека е можеби малку предолго на власт, додека во земјата расте незадоволството поради исчезнувањето и дополнителното задржување на водечките организатори на опозициските протести.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев денеска, на централното чествување на Денот на независноста 8 септември, кое се одржа пред Владата, осврнувајќи се на изминатиот, како што рече, турбулентен период, но и на претстојните предизвици, приоритети и определби, наведе дека земјава ќе продолжи по патот што веќе го трасираше - граѓанска држава, слободна татковина на сите граѓани и на сите етнички заедници, општество за сите со европска иднина.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Пратеникот од ДУИ Исмаил Јахоски попладнево преку писмено соопштение негира дека ја напуштил пратеничката група на ДУИ и додава дека на интернет страницата на Собранието е направена техничка грешка.

СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА - Формирање Фонд за млади умови, воведување Закон за младинска гаранција, засилена практична настава и продолжување на исплатата од 3.000 денари месечно младински додадок се дел од клучните приоритети на кои Влада ќе се посвети во својот четиригодишен мандат со цел зголемување на вработеноста на младите, објави Владата во својата програма.

БЕЛГИЈА - Дипломатите од земјите членки на Европската унија се состанаа утрово во рамките на телото за проширување во Советот на ЕУ, за да разговараат за нацрт-преговарачката рамка за Северна Македонија и Албанија како главна тема на дневен ред, јави дописничката на МИА од Брисел. Ова е првпат земјите-членки да се состанат за да разговараат темелно за преговарачките рамки за двете земји, но и за новата преговарачка методологија на ЕУ, предложена и усвоена во март оваа година.

САД - Трката за вакцина против коронавирусот стана главна тема во американската претседателска кампања вчера, додека бројот на инфицирани во Соединетите Американски Држави се искачи на 6,3 милиони, а починаа речиси 190 000.

ГРЦИЈА - Грција планира да купи оружје, да ги зајакне своите вооружени сили и да ја обнови својата одбранбена индустрија, соопшти владата со растот на тензиите со сојузникот во НАТО Турција околу енергетските ресурси на истокот на Медитеранот.

САУДИСКА АРАБИЈА - Државната телевизија на Саудиска Арабија објави дека се соопштени крајните пресуди за инволвираните во убиството на новинарот Џемал Кашоги, откако неговото семејство најави помилувања за пет лица, кои се спасија од егзекуција, објави Асошиетед прес.

КОСОВО / БЕЛГИЈА - Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на денешната средба со косовскиот премиер Авдулах Хоти во седиштето на алијансата во Брисел ја поздравил последната рунда преговори меѓу Белград и Приштина кои се водат под покровителство на ЕУ. Како што соопшти НАТО Столтенберг нагласил дека дијалогот е единствениот начин да се постигне трајно политичко решение на Западен Балкан.