Вакцината против коронавирус тема во американската претседателска дебата

Архивска фотографија- кандидатите за претседател на САД, Џозеф Бајден и Доналд Трамп

Трката за вакцина против коронавирусот стана главна тема во американската претседателска кампања вчера, додека бројот на инфицирани во Соединетите Американски Држави се искачи на 6,3 милиони, а починаа речиси 190 000.

Претседателот Доналд Трамп ги обвини демократите за „потценување“ на вакцината, која како што рече би можела да биде достапна пред изборите кои треба да се одржат на трети ноември. Тој и возврати на кандидатката за потпретседателка од Демократската партија, Камала Харис, наведувајќи дека таа се ангажирала со „антивакцинална реторика“ од политички причини. Трамп рече дека тоа што демократите го зборуваат е „опасност за земјата“ и вети дека вакцината ќе биде безбедна и ефикасна.

Харис во интервју за Си-ен-ен рече дека не верува во тврдењата на Трамп за вакцината, а демократскиот кандидат за претседател Џо Бајден рече дека луѓето колебливо ќе се вакцинираат поради тоа што Трамп ја поткопал јавната доверба.