Ердоган: Ставот за Медитеранот е тест за непристрасноста на ЕУ

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, и претседателот на Советот на Европа, Шарл Мишел

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера му рече на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, дека ставот на Европската унија кон турско-грчкиот спор за источниот Медитеран ќе биде тест за нејзината искреност и непристрасност, повикувајќи ја ЕУ да заземе непристрасен став во спорот на Турција и Грција, соопшти денеска Кабинетот на Ердофан, јави Ројтерс.

„Провокативни коментари и чекори на европските политичари во врска со регионалните прашања нема да помогнат да се постигне решение“, објави Кабинетот на турскиот претседател.

Турција и Грција се во спор околу истражувањето на енергенси во спорните води на Медитеранот, како и за обемот на нивниот континентален посед. Турција почна истражувања во водите меѓу Грција и Кипар на 10 август, кревајќи ги тензиите во стратешкиот коридор на источен Медитеран. Атина тврди дека се работи за нејзини територијални води и дека Турција треба да се повлече. Анкара го тврди спротивното.

Официјален Париз вчера соопшти дека ескалирачкиот конфликт на Турција со Грција и Кипар ќе биде главната тема на состанокот на Европскиот совет овој месец, кога ќе бидат разгледани можни санкциите против Анкара. Министерот за надворешни работи Жан-Ив Ле Дријан рече дека тој и неговите колеги од другите земји на ЕУ веќе разговарале за „опсегот на санкции што можат да се преземат во однос на Турција“.