Трамп: Нема причина да се сомневам во германските наводи за труење на Навални

USA-U.S. President Donald Trump delivers his acceptance speech as the 2020 Republican presidential nominee, Washington, 27 August 2020

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека досега не видел доказ за вмешаноста на руската држава во труењето на критичарот на рускиот Кремљ Алексеј Навални, но од друга страна, пак, нема причина да се сомнева во германската оценка дека Навални е отруен. Трамп на прес конференцијата во Белата куќа за прв пат го коментираше овој случај откако Германија пред два дена соопшти дека токсиколошките тестови „обезбедуваат недвосмислени докази“ дека лидерот на руската опозиција е отруен со воен нервен гас именуван како Новичок.

„Јас не знам точно што се случило, мислам дека сето тоа е страшно и трагично, не требало да се случи. Но сега не сум видел ниту еден доказ, но очекувам дека наскоро ќе добиме многу документи за труењето“, изјави Трамп.

Претходно Стејт Департментот изрази сериозна загриженост во врска со откритието дека Навални е отруен. Германија се обидува да создазе заедничка реакција со ЕУ и НАТО партнерите откако германската канцеларка Ангела Меркел случајот во јавноста го опиша како „обид за убиство со труење“.

ЕУ соопшти дека разгледува санкции против Русија, а НАТО побара „пркосна Русија целосно да соработува со непристрасната меѓународна истрага“.