Груби:Ахмети беше испрашуван само за Косово, не и за неговото делување во Македонија

Macedonia - 2020 parliamentary elections - DUI President Ali Ahmeti in the election campaign

Испрашувањето на лидерот на ДУИ Али Ахмети во Хашкото специјално обвинителство за Косово е поврзано со неговите активности во Косово, а не во Македонија во својство на сведок како еден од основачите на ОВК за перидот 1998 – 2000 година изјави синоќа за тв Сител вицепремиерот Артан Груби. Тој во интервјуто посочи дека во поканата која пристигнала до нив преку македонското обвинителство било наведено во кое својство е поканет конкретно.

„Во својство на сведок за неговата улога како основач на ОВК и како еден од коосновачите на народното движење на Косово за периодот од 1998 до 2000 година. Само во овој период и за тие активности. Во целото испрашување нема прашувано за какви било други активности во Македонија или во било која друга земја. Се однесува во својство на сведок само за околностите во Косово 98/00 и толкав е и мандатот на специјалното обвинителство на Косово“, изјави Груби.

Ахмети на 2 и 3 септември беше на распит пред истражителите на Меѓународниот суд за Косово со седиште во Хаг. По дводневното испрашување во канцелариите на ЕУЛЕКС во Приштина, Ахмети изјави дека не може да даде информација до завршување на процесите пред меѓународниот трибунал.

Груби во интервјуто истакна дека уривањето на дивоградбата пред Мавровка било предизборно барање на ДУИ. Вели дека мора да се почитува законот и оти треба да бидат урнати и платформата на Матка и многу нелегално изградени објектии во Охрид, но и терасата во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ која е дивоградба.