Објавени протоколите за отворање на градинките на 9 септември

Илустрација - Детска градинка

Градинките се подготвени да започнат со работа на 9 септември, според посебни строги протоколи порадо Ковид-19 пандемијата, објавија денеска новата министерка за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, и министерот за здравство, Венко Филипче.

„Анализата на податоците од градинките покажа дека тие се подготвени веќе наредната среда да почнат со работа и да ги примат и згрижат децата во согласност со предвидениот протокол утврден од Комисијата за заразни болести. Приоритет имаат децата на самохрани родители и на двајца родители кои се вработени, кои ќе мораат да донесат потврда од работодавачот“, рече министерката Шахпаска на денешната прес-конференција.

Министерот за здравство, Венко Филипче, ги објасни протоколите што ќе бидат воведени при отворање на градинките.

„Треба да се дезинфицираат градинките и дворовите, секој вработен да има лични заштитни средства и да има бесконтактен термометар, како и задолжително на секои два часа да се дезинфицираат површините. Приемот на деца ќе биде на 10 минути со еден родител, кој има заштитна маска. Кај возрасната група деца до две години - ќе има шест деца во група, додека кај повозрасните ќе има до 15 деца во една група“, рече Филипче.

Сите установи од овој тип во земјава, согласно протоколите за функционирање во услови на пандемија, имаат капацитет да примат 19.000 деца, а досега интерес за згрижување покажале родители на 14.555 деца.