Приведени 55 лица на протестите во Белорусија

Протести во Минск на 1 септември, 2020 година.

Најмалку 55 лица биле приведени на денешните протести на студентите во главниот град на Белорусија, според групата за човекови права „Вјасна“. Стотици студенти се собраа во Минск, откако опозицијата повика на протести на првиот ден од новата учебна година.

Студентите носеа забранети црвено-бели знамиња кои долго време беа симбол против владеењето на претседателот Александар Лукашенко. Во видео објавено на социјалните мрежи е прикажано како полицијата која е облечена во црно насилно ги влече студентите.

Во Белорусија по претседателските избори на 9 август на кои победи Лукашенко, секојдневно се одржуваат протести на кои се бара оставка од 66-годишниот лидер, ослободување на сите политички затвореници и слободни и фер избори.