Политичари, терористи, балерини...

МАКЕДОНИЈА - Вицепремиерот за европски прашање, Никола Димитров, и шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, денеска заедно изјавија дека не очекуваат пречки од соседна Бугарија во процесот на преговори за членство на Северна Македонија во Европската унија.

МАКЕДОНИЈА - Во акција на МВР, Агенцијата за национална безбедност и ОЈО за гонење организиран криминал и корупција е разбиена тричлена терористичка група која дејствувала на територија на Северна Македонија, соопшти МВР. Во акцијата се приведени тројцата членови на групата и е запленето поголемо количество оружје, муниција и опрема.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство денеска информираше дека изминатото деноноќие се направени 1.665 теста и при тоа се регистрирани 115 нови случаи на Ковид-19, 368 оздравени пациенти и еден починат.

МАКЕДОНИЈА - СВР Скопје поднесе кривична пријава за бесправната градба кај деловниот трговски центар Мавровка во Скопје, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи (МВР). За ВМРО-ДПМНЕ овој потег е популизам.

САД - Кандидатот за претседател на САД Џо Бајден го обвини претседателот Доналд Трамп за поттикнување на политичко насилство, во врска со повеќенеделните протести и немири околу расната нееднаквост и полициското дејствување.

АЛБАНИЈА - Албанскиот претседател Илир Мета ги почнва консултациите со политичките партии за конкретен датум за парламентарните избори што треба да се одржат во јуни следната година, јави МИА од Тирана.

УНГАРИЈА - Унгарија денеска ги затвори своите граници поради страв од ширење на коронавирус, со што стана првата земја на ЕУ која толку сериозно ги засили ограничувањата. Границите ќе бидат затворени цел септември.

ЛИБАН / ФРАНЦИЈА - Францускиот претседател Емануел Макрон, престојува во посета на Либан со цел да ги предводи меѓународните напори да ги натера поделените лидери на таа земја да се справат со финансиската криза што ја уништи економијата дури и пред масовната експлозија во пристаништето во Бејрут на 4 август, при што загинаа околу 190 луѓе.

МАКЕДОНИЈА - Престижната награда МЕНАДА за млад уметник оваа година ќе ѝ биде доделена на Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина која доби професионален ангажман и стана дел од ансамблот на рускиот Болшој театар во Москва, соопшти организаторот на Танц Фест 2020, кој ја доделува наградата.