Продолжи седницата за избор на Влада

Архивска фотографија - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери.

Пратениците денеска напладне ја продолжија седницата за избор на нова Влада, а за предложените министри за новиот владин состав тие треба да гласаат најдоцна до полноќ.

Дебатата во Собранието започна вчера со експозето на мандатарот и лидер на СДСМ Зоран Заев кој пред пратениците ја претстави предлог-програмата за работата на Владата. Тој рече дека новата влада, меѓу другото, ќе биде посветена на економијата и евроинтеграциите.

Опозициските пратеници го критиуваат дека Владата ќе има краток рок на траење и најавија бројни протести наесен.

На денешното продолжение на седницата прв зборуваше пратеникот Павле Трајанов, кој посочи дека македонското општество е премногу поделено и раскарано по повеќе основи. Тој побара новата Влада да направи брзи реформи во безбедносниот систем и во правосудството.

Седницата за избор на новата Влада беше закажана откако Заев го доби мандатот да формира Влада, по резултатите од предвремените парламентарни избори на 15 јули оваа година, на кои СДСМ освои најмногу пратенички мандати (46). Владиното мнозинство беше формирано постизборно по договорот за колација кој Заев го постигна со лидерот на ДУИ Али Ахмети – партија која освои 15 пратеници на изборите и со ДПА која освои еден пратеник.

Трите партии сега имаат мнозинство од 62 пратеници во Собранието, а за избор на Владата е потребно просто мнозинство од 61 глас.

Предлогот за новата Влада е таа да биде составена од 19 министри, што е немалување за седум министерски места во однос на претходната.