Се подготвува четврти владин антикорона економски сет мерки

Влада на Република Северна Македонија

Техничкиот премиер во заминување, Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција најави дека четвртиот сет на мерки, кој ќе биде донесен веднаш по формирањето на новата влада, ќе биде за пензионерите кои имаат пензии до 15 илјади денари, за невработените, односно неактивни баратели на работа и за самохраните родители да добијат домашни платежни картички.

Тој изрази уверување дека оваа влада, ќе биде запаметена по тоа дека во услови на криза, одлучила парите да ги насочи кон граѓаните.

„Преку трите сета економски мерки за засегнатите групи граѓани и погодените сектори, туризмот и угостителството поделени се домашни платежни картички за купување македонски производи и ваучери за домашен туризам. За бизнисите овозможени се бескаматни кредитни линии. Се подготвува четвртиот сет мерки со кои што ќе биде проширен опфатот на граѓани и бизниси кои што ќе добијат финансиска поддршка од државата“, најави Спасовски.

На прашањето дали со четвртиот сет мерки ќе бидат опфатени и одредени бизнис гранки, Спасовски, рече дека се размислува и се разгледуваат и тие опции и дека таму каде што ќе биде потребно државата ќе помогне.