Од Инфективна до Бурунди

ХОЛАНДИЈА - Пред Меѓународниот суд во Хаг денеска почна дводневна расправа по жалбите на одбраната и на обвинителството против првостепената пресуда против генерал Ратко Младиќ, осуден на доживотен затвор за геноцид во Сребреница и злосторства против човештвото во БиХ.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1768 тестирања, а регистрирани се 127 нови случаи на ковид-19, петмина починати и 60 оздравени пациенти.

АЛБАНИЈА - Албанскиот претседател Илир Мета денеска преку објава на Фејсбук повика да се најде начин да се запре одливот на мозоци од Албанија, бидејќи, како што наведува заминувањето на младите од земјата е голема рана на албанското општество.

САД - Околу 120 милиони работни места во туризмот на глобално ниво се изложени на ризик поради пандемијата со Ковид-19, изјави денеска генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш, пренесе германската новинска агенција ДПА.

ТУРЦИЈА - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неодамнешното големо откритие на резерви со природен гас во Црно Море е предвесник на новите вести за уште поголемо турско откритие во Средоземното море. Грција и понатаму се противи на тие истражувања кои ги смета за незаконски.

ГЕРМАНИЈА - Германската канцеларка Ангела Меркел ги повика руските власти да ги изведат сторителите пред лицето на правдата, откако во болница во Берлин, каде што лидерот на опозицијата Алексеј Навални беше префрлен на лекување, беа пронајдени елементи кои покажуваат дека тој бил отруен.

ИЗРАЕЛ - Американскиот државен секретар Мајк Помпео се наоѓа во петдневната турнеја на Блискиот исток, фокусирана врз нормализацијата на односите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати, односно намерата на САД и другите арапски држави да го следат тоа.

БУРУНДИ - Најмалку 15 лица загинаа во вооружен напад во јужниот дел на Бурунди, но се уште официјално не е потврдено дали жртвите се припадници на безбедносните сили, цивили или напаѓачите.

САД - Американскиот претседател Доналд Трамп и официјално е прогласен за републикански кандидат на следните претседателски избори. Тој им порача на делегатите дека државата ќе тргне во, како што рече, ужасна насока, доколку не беше реизбран за кандидат на претседателските избори.