Влада- Спасовски и министрите кои беа избрани за пратеници не земаат плата од собранието

Архивска фотографија- премиерот Оливер Спасовски и министрите Радмила Шекеринска, Бујар Османи и Никола Димитров

Од владата преку соопштение попладнево информираат дека техничкиот премиер Оливер Спасовски и министрите кои на изборите на 15 јули беа избрани за пратеници „ја земат единствено и исклучиво платата за нивниот ангажман во Владата, до моментот на траење на нивниот ангажман во Влада, а не и од Собранието“.

Ова прашање, како пратеници истовремено може да се и министри, денеска го отвори претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата и конфликтот на интереси Билјана Ивановска. Таа оцени и дека се работи за недореченост во законите.

Во овој парламентарен состав има неколку актуелни министри кои сега се и пратеници како самиот премиер Спасовски, потоа Никола Димитров, Мила Царовска, Радмила Шекеринска и Дамјан Манчевски од СДСМ и Арбер Адеми и Насер Нуредини од ДУИ. Некои од нив се повторно предложени за министри така што неделава се очекува да се повлечат од пратеничките позиции и на нивно место да дојдат други од нивните листи.