Награди и пушки

БЕЛОРУСИЈА - Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко бил виден вчера како влегува во својата резиденција во Минск, која се наоѓа во близина на местото каде имало протести против него, со пушка Калашников и заштитен панцир. Претседателството на Белорусија објави видео на социјалната мрежа Телеграма, на кое се гледа како Лукашенко излегува од хеликоптер што слета во дворот на резиденцијата.

МАКЕДОНИЈА - Скопското обвинителство денеска поднесе обвинение против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, и уште две лица за предметот Моќник, во кој се поднесени и обвинителни предлози за уште 10 лица, соопшти Обвинителството.

МАКЕДОНИЈА - Министерството за здравство соопшти дека во последните 24 часа се направени 860 тестирања, а регистрирани се 78 нови случаи со Ковид-19, четворица починати и 40 оздравени пациенти.

МАКЕДОНИЈА - Советот на фестивалот Танц Фест Скопје, оваа година со наградата МЕНАДА за исклучителни достигнувања во областа на танцот, ја закити Џоан Мајерс Браун, легендата на американската танцова сцена.

МАКЕДОНИЈА - Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, потврди дека бил повикан да сведочи пред обвинителите на Специјалното обвинителство во Хаг на 2 и 3 септември. Рече дека ќе сведочел како еден од основачите на ОВК.

САД - Во Шарлот денеска почна конвенцијата на републиканците на која официјално ќе биде избран Доналд Трамп за кандидат на претседателските избори. Конвенцијата ќе трае до 27 август.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер Борис Џонсон ги повика родителите да ги испратат своите деца на училиште во септември, објаснувајќи дека тоа ќе биде клучниот чекор во закрепнување на земјата и нејзината економија од ефектите од пандемијата со Ковид-19.

ТУРЦИЈА - Турција, за уште четири дена ги продолжи сеизмичките истражувања на бродот Оруч Рејс во Источен Медитеран, а грчки владини извори коментираат дека со ова однесување Анкара единственото што ќе постигне се негативни последици за неа. Ставот на официјална Атина е дека оваа акција на Турција е нелегална, бидејќи опфаќа дел од грчкиот континентален гребен.

БЕЛГИЈА - Во време кога се зголемуваат сомнежите на Европската унија за тоа дали белорускиот претседател Александар Лукашенко ќе прибегне кон жестока репресија против опозицијата и бунтовниците, високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел рече дека ЕУ не сака друга Украина и тоа е причината зошто се разговара со Русија со цел да се сврти ситуацијата во Белорусија кон демократизација.

ФИЛИПИНИ - Најмалку 10 лица се убиени, а повеќе десетици се повредени во двојниот бомбашки напад, што денеска се случи во јужниот дел на Филипините, во исламистичкото упориште Сулу, во кои учестуваше и жена самоубиец. Нападот се случи во градот Холо, во мнозински муслиманската покраина Сулу, во која владините армиски сили долго време се борат со исламистичката бунтовничка група Абу Сајаф.