Танц Фест 2020: Наградата Менада за Џоан Мајерс Браун

Џоан Мајерс Браун

Под мотото „Потрага по допир“, во Танц Фест 2020, за првпат, еден дел од програмата ќе се одржи во живо, во форма на танцов маратон, на кој традиционално свечено ќе биде доделена наградата „Менада“. Советот на фестивалот Танц Фест Скопје, оваа година со наградата „МЕНАДА“ за исклучителни достигнувања во областа на танцот, ја закити Џоан Мајерс Браун, легендата на американската танцова сцена.

„Во областа на танцовата уметност постојат исклучителни уметници, пионери кои се борат за нејзиното место и афирмирање, како во средината во која творат, така и во светски рамки. Тие пионери ги краси исклучителен талент, упорност и храброст да се спротивстават кога е потребно. Поседуваат единствена енергија и лидерство, кои понатаму создаваат нови средини, во кои танцот може слободно да се развива. На овој начин, преку признавањето на нивната личност, овозможуваат општеството да ја признае и танцовата уметност. Една од овие исклучителни личности е и госпоѓата Џоан Мајерс Браун. За нас е особена чест што оваа извонредна личност ја прифати наградата „МЕНАДА“ која ѝ ја доделуваме за исклучителни животни достигнувања во областа на танцот!“, соопштија од Танц Фест.

Joan Myers Brown

Џоан Мајерс Браун и нејзината компанија „ФИЛАДАНКО!“ во 2012 година учествуваа во програмата на Танц Фест Скопје и остварија извонреден успех. Мајерс Браун е основач на компанијата за танц од Филаделфија – „Танцова компанија на Филаделфија“ или „Филаданко!“ и на училиштето за танцова уметност во Филаделфија – „Филадефијска школа за танцова уметност“. Таа е почесен претседател на „Меѓународната асоцијација на афроамериканците во танцот“. Основач е и на меѓународната конференција „International Conference of Black Dance Companies“, таа е почесен гостински професор на Универзитетот за уметност во Филаделфија, член е на Факултетот за танц при Универзитетот „Howard“ од Вашингтон, почесен доктор од универзитетот „Ursinus“ во Колеџвил, Пенсилванија и почесен доктор на уметности при Универзитетот на Пенсилванија.