Во Белгија на 1 септември почнува школската година за сите ученици

Ученици во Белгија

Белгиската премиерка Софи Вилмес денеска изјави дека неодамнешното зголемување на бројот на заразени со коронавирус нема да ги спречи за школската година за сите ученици да започне на 1 септември како што беше планирано.

„Сите ученици од сите одделенија на 1 септември ќе се вратат на училиште“, изјави премиерката по состанокот на Националниот совет за безбедност посветен на пандемијата на коронавирус.

„Важно е децата да можат да продолжат со нормален школски живот, што е можно понормален“, додаде таа.

По двомесечна пауза од средината на март до средината на мај, поради спречување на ширењето на вирусот, децата се вратија во школските клупи, но само оние одделенија за кои беше оценето дека се приоритетни.

Белгија, како и Франција, одреди дека учебната година почнува на 1 септември, со почитување на мерки како носење маски за наставниците и учениците постари од 12 години, потсети премиерката, додавајќи дека во средните училишта не мора нужно да се одвиваат сите активности.

Во Белгија, која има скоро 11,5 милиони жители, од коронавирус починаа скоро 10 илјади луѓе, што е највисока смртност во светот.

„Нашата епидемиолошка ситуација не е ни безначајна, ни драматична“, рече премиерката, наведувајќи дека сите ограничувања воведени во текот на летото дале резултати.

Таа исто така соопшти дека вонбрачните парови кои живеат во различни земји од 1 септември ќе може да се видат под услов да ги почитуваат здравствените мерки.

Европската комисија на 7 август ги повика сите земји-членки на ЕУ да им овозможат влез на невенчаните партнери на државјаните и резидентите од европските држави, иако мал број земји го дозволи тоа.